Македонскиот тениски тим ќе има четворица претставници на Европското првенство до 18 години, кое започнува утре (понеделник). Кај момчињата Македонија ќе ја претставуваат Кристијан Јанев и Ерион Незири, кои ќе настапат во сингл и во конкуренција на двојки. Кај девојчињата, пак, ќе играат Мила Јовановски и Ирина Пиштолова.
Дел од македонските тенисери и тенисерки своите први мечеви ќе ги одиграат уште во првиот ден од шампионатот.
Мила Јовановски во првото коло ќе се сретне со Елеонова Тонева од Бугарија, додека Ирина Пиштолова ќе игра против Лидија Бринман од Ирска. Кај момчињата, Ерион Незири за противник го има Лукас Ериксон од Финска.
И Кристијан Јанев во првата рунда ќе има фински ривал, а тоа е Емил Торн.
Во конкуренција на двојки, Јанев и Незири ќе играат против бугарската комбинација Калојан Шиков и Александар Толев. Јовановски и Пиштолова, пак, во првото коло ќе се соочат со грчкиот тандем Димитра Кумуцеа и Катарина Устабасиду.