Охрид продолжува со максимален учинок во Регионалната лига. „Гладијаторите“ славеа на гостувањето кај Будванска Ривиера со 22-20 и со два од два ја започнаа својата авантура во новото регионално натпреварување.
Клучот кон новите бодови охриѓани го поставија во првите 30 минути. По почетните 2-2, избраниците на Борис Ројевиќ направија серија од пет гола и за кратко време стигнаа до 7-2. Сигурната игра во одбраната, предводена од одличниот Дино Славиќ, им овозможи на гостите да ја контролираат средбата, па на паузата имаа предност од 13-8.
Охрид продолжи во ист ритам и по одморот, кога со голот за 15-8 стигна до највисоката предност на натпреварот. Сепак, Будванска Ривиера не се предаде. Домашните постепено ја намалуваа негативата, а при 17-16 имаа две можности да израмнат.
Во тие моменти повторно до израз дојде Славиќ. Голманот на Охрид запре два чисти удари, како и обид од гол на гол, со што спречи целосен пресврт и му даде дополнителен импулс на својот тим. Ѓукиќ потоа реализираше од седмерец за 18-16 и охриѓани повторно фатија здив.
Кога изгледаше дека гостите го скршија отпорот на Будва, Охрид повторно си дозволи неизвесна завршница. Македонскиот тим поведе со 21-17, но домаќините со три последователни гола стигнаа до само 21-20 во последната минута.
Сепак, „гладијаторите“ не дозволија да им избега победата. Ѓукиќ повторно презеде одговорност од седум метри и со својот погодок за 22-20 стави точка на натпреварот.
Најефикасни кај Охрид беа Лиапис со пет и Ѓукиќ со четири гола, додека Славиќ беше еден од клучните фактори за триумфот со речиси 50 проценти одбранети удари.
За Ројевиќ и неговите избраници следува ново гостување во Регионалната лига. На 28 август Охрид ќе му гостува на Динамо Панчево, додека на 2 септември во Гевгелија го очекува големиот дуел со Вардар за трофејот во Супер купот.