Кошаркарскиот клуб Работнички со големи амбиции ја очекува новата сезона, а шефот на стручниот штаб Владимир Мирковски истакнува дека главната цел е враќање на клубот на позициите кои му припаѓаат.
„Имаме нова управа, нова енергија и заедничка цел – да го вратиме Работнички таму каде што му е местото – на врвот!“, вели Мирковски.
За искусниот стратег ова ќе биде 24-та сезона во тренерската кариера, а втора на кормилото на сениорскиот тим на Работнички, клуб кој со 15 шампионски титули е најтрофејниот во самостојна Македонија.
Мирковски се осврна и на составот на тимот, кој во новата сезона ќе биде комбинација од младост и искуство.
„Минатата сезона беше турбулентна, но нè направи единствени. Го задржавме костурот на тимот, донесовме неколку засилувања на дефицитарните позиции и создадовме одличен спој на младост и искуство. Нашите амбиции се јасни – очекуваме да играме финале“, истакнува Мирковски.
Подготовките ќе бидат исполнети со натпревари, а Работнички веќе има договорено девет контролни средби против домашни и странски екипи. Тие треба да бидат вистински тест за формата и подготвеноста на тимот пред почетокот на официјалните натпревари.
„Закажавме девет пријателски натпревари, со домашни и странски екипи, што ќе ни ја дадат вистинската слика за квалитетот и подготвеноста на тимот пред почетокот на сезоната. Очекувам максимално залагање, дисциплина и посветеност од секој кошаркар“, додава Мирковски.
Работнички во новата сезона влегува со јасно поставени цели, а амбицијата е клубот повторно да се врати во самиот врв на македонската кошарка.