Илија Несторовски се врати во составот на Славен Белупо по два пропуштени натпревара поради суспензија и веднаш постигна два гола. Македонскиот напаѓач го отвори резултатот, а потоа од пенал го врати водството на својот тим во гостинската победа од 3:5 над Горица, во меч од 13. коло на хрватското првенство одигран денес.
Несторовски погоди со глава во 17. минута. Горица направи пресврт до 2:1, а Славен возврати преку Јосип Митровиќ и Ловро Бановец. Душан Стевановиќ израмни на 3:3 пред паузата. Во 65. минута Несторовски го реализираше пеналот за 3:4, а Михаил Кајмаков ја потврди победата во судиското продолжение, откако гостите останаа со играч помалку по вториот жолт картон на Доминик Ковачиќ.
Ова е трет првенствен натпревар сезонава во кој Несторовски постигна по два гола, по ремито со Рудеш (2:2) и победата над Риека (4:1). Со двата погодоци во Велика Горица стигна до девет од 19-те првенствени гола на Славен Белупо, со што веќе го надмина својот учинок од шест гола во целата ланска сезона.
Славен со победата стигна до 16 бода, а во следното коло во Копривница го пречекува Осиек.