Младата македонска таеквондистка Ведрана Тунески оствари одличен успех на Европското кадетско првенство во Романија, освојувајќи бронзен медал и потврдувајќи го својот потенцијал на меѓународната сцена.
Тунески имаше одличен настап во елиминациските борби, во кои забележа две убедливи победи. Најпрво ја совлада претставничката на Холандија со 2:0, а потоа со идентичен резултат беше подобра и од таеквондистката од Шведска, со што обезбеди пласман во полуфиналето.
Македонската репрезентативка беше запрена од противничката од Полска, но со претходно остварените победи го заврши шампионатот со бронзен медал, што претставува значаен успех за македонското таеквондо.
Заслугите за успешниот настап се и на стручниот тим, предводен од селекторот и претседател на Македонската таеквондо федерација, д-р Борче Костовски, кој го реализираше подготвителниот период, како и помошник-селекторката Викторија Спасовска, која ја водеше Тунески за време на борбите.
Бронзата на Ведрана Тунески е голем успех и мотив за нови достигнувања на европската и светската сцена.