Охрид го зголеми водството во Втората македонска фудбалска лига од еден на три бода, а Работнички се доближи на само бод до второпласираниот Пелистер. Во 11. коло, „рибарите“ го совладаа Камјани со 4:0, Пелистер одигра 1:1 со Кожуф, а Работнички славеше со 0:3 во Кочани. На врвот сега се Охрид со 28, Пелистер со 25 и Работнички со 24 бода. Скопскиот тим има натпревар помалку од двата ривала, одложениот меч од 5. коло со Брера.
Антонио Каланоски погоди двапати, а Абдулхади Јахја еднаш за водство на Охрид од 3:0 на полувремето. Давид Матески го заокружи резултатот во вториот дел. И Работнички ги постигна сите три гола пред паузата против Осогово.
Во Гевгелија, пак, Кире Ристевски му донесе водство на Пелистер во 20. минута, но Кожуф израмни по паузата. Битолчани останаа единствената непоразена екипа во лигата, со седум победи и четири ремија.
Во долниот дел, Детонит Плачковица ја совлада Брера Струмица со 1:0 и се израмни со Македонија Ѓорче Петров на 12 бода. Новаци со победата над Македонија ЃП стигна до 11 бода и сега има четири повеќе од Еуромилк и Осогово. Следното коло носи директен дуел меѓу Македонија ЃП и Детонит, додека Новаци му гостува на Работнички.
