Уште една историја денес се испиша во Купот на Македонија откако второлигашот Охрид обезбеди полуфинале совладувајќи Вардар преку пенал рулетот, откако во регуларниот дел беше 1:1.
Бранителот на Куп трофејот Вардар е исфрлен од Купот на Македонија, „рибарите“ направија сензација пласирајќи се во полуфиналето за голема клупска историја.
Едно е сигурно – Македонија ќе има нов освојувач на Купот на Македонија.
Резултатот го отвори Вардар преку Бобан Николов, на стартот од вториот дел, откако на полувреме беше 0:0. Лидерот во Втората македонска фудбалска лига до израмнување дојде во самиот финиш на мечот преку Давид Матески за конечни 1:1.
Охрид кој е составен од млади фудбалери во пенал серијата влезе без притисок и со мирна глава против далеку поискусниот Вардар.
Пенал серијата се покажа како кобна за Вардар, откако Охриѓани беа посигурни од белата точка со 2:4.
Во првата пенал серија Благоја Спиркоски не успеа да реализира, а не погоди ниту Бобан Николов за Вардар. Во втората пенал серија Абдулхади Јахја и Стефан Цветковиќ беа сигурни од белата точка.
Во третата пенал серија Наумче Бакрачески погоди за Охрид, а Немања Босанчиќ беше сигурен за Вардар. Во четвртата серија Антонио Каланоски беше сигурен за „рибарите“, а Димитар Данев не успеа да реализира.
Човек на одлука беше Дарко Илиески кој успеа да реализира и да ги постави конечни 2:4 во пенал серијата и со тоа Охрид да се пласира во големото полуфинале.
Претходно, второлигашот Шкендија Арачиново направи сензација исфрлувајќи го Работнички и со тоа обезбедувајќи историско полуфинале во Купот на Македонија.