Македонскиот фудбал добива уште едно исклучително перспективно име на европската сцена. Станува збор за Јаман Амедов, млад фудбалски талент роден на 16 декември 2014 година во Кочани, со потекло од Виница, кој својата фудбалска иднина ја гради во Германија.
Иако има само единаесет години, талентот на Амедов веќе е сериозно препознаен. Тој е под радарот на Фрајбург, клуб познат по одличната работа со младинските категории и развој на врвни фудбалери. Младиот Јаман е следен од повеќе скаути, а интересот од различни екипи само ја потврдува оценката дека станува збор за исклучително перспективен фудбалер.
Амедов настапува на позицијата офанзивен играч за врска – класична „десетка“, улога која бара техника, визија и чувство за игра. Тој дејствува веднаш зад напаѓачот, позиција од која креира игра, разигрува соиграчи и директно влијае врз офанзивниот дел на тимот.
Во моментов Јаман настапува за екипата на Шрамберг, а од летниот период официјално ќе се приклучи на Фрајбург, што претставува огромен чекор напред во неговиот развој и уште една потврда за неговиот потенцијал.
Со ваков почеток и со работа во реномирана германска школа, Јаман Амедов е име кое вреди да се запамети, а македонскиот фудбал со внимание ќе го следи неговиот понатамошен развој.