Македонскиот прволигаш Башкими продолжува активно да се засилува во зимскиот преоден рок и официјално го претстави уште едно ново име во својот ростер. Клубот од Куманово пазареше од редовите на Шкупи и во своите редови го доведе португалскиот играч за врска Луис Рибеиро.
Рибеиро по само шест месеци го напушта тимот од „Чаир“, но останува дел од Првата македонска фудбалска лига, каде што ќе има нов предизвик во дресот на Башкими. Од кумановскиот клуб не го кријат оптимизмот и очекуваат 24-годишниот фудбалер значително да придонесе во офанзивниот дел од играта, со својата техничка подготвеност, визија и искуство од настапите во странство.
Целокупната досегашна кариера Рибеиро ја има изградено во Германија, каде што настапуваше за неколку клубови и стекна значајно искуство во тамошниот фудбалски систем. Со своите настапи се етаблираше како стабилен и креативен играч за врска, способен да даде придонес и во организацијата на играта и во офанзивните акции.
Минатото лето ја направи својата прва интернационална промена, преселувајќи се во Македонија, каде што како слободен играч го засили составот на Шкупи, пристигнувајќи од редовите на германскиот Туркспор Дортмунд. Иако престојот во клубот од „Чаир“ беше релативно краток, Рибеиро успеа да се адаптира на условите и да стекне драгоцено искуство во Првата македонска фудбалска лига.
Со ангажманот на Рибеиро, Башкими уште еднаш испраќа јасна порака дека амбициозно ја пречекува пролетната полусезона и има сериозни планови во продолжението од шампионатот.