Европската приказна на ГРК Охрид продолжува со двомеч против литванскиот Драгунас Клаипеда. Актуелниот освојувач на ЕХФ Европскиот Куп ја дозна својата следна задача по ждрепката за третото коло, која беше одржана денеска во Виена. „Гладијаторите“ ќе имаат можност да го продолжат походот кон нов европски успех, но за тоа ќе мора да го минат ривалот од Литванија.
Охриѓани ќе го започнат двомечот на гостински терен, каде што првиот натпревар е предвиден за 21 или 22 ноември. Одлуката за патникот во следната рунда ќе падне на реваншот во Македонија, закажан за 28 или 29 ноември, кога Охрид ќе ја има поддршката од домашната публика.

Драгунас Клаипеда во претходното коло покажа дека може да биде незгоден противник. Литванскиот состав го елиминираше чешкиот Робе Жубри со две победи, славејќи со 28-22 и 34-28. Интересно е што двата натпревари се одиграа во Клаипеда, па литванскиот тим ќе се соочи со нов предизвик на гостински терен во обидот да продолжи понатаму.
За Охрид ова е следниот чекор во обидот да ја одбрани европската круна. По убедливите настапи во претходната рунда, „гладијаторите“ ќе сакаат да изградат добра предност уште на гостувањето и потоа пред своите навивачи да го потврдат пласманот во следната фаза. Европската авантура продолжува, а целта останува иста – Охрид повторно да биде дел од завршницата во борбата за трофејот.