Три од четирите македонски претставници во европските клупски одбојкарски купови неделава ги очекуваат нови предизвици на меѓународната сцена. Штип УГД, Работнички Скопје и Јанта Волеј КВ ќе ги одиграат своите натпревари во рамките на европските натпреварувања, додека Струмица 47&72 со настапите ќе започне следниот месец.
Машкиот шампион Штип УГД во среда од 18 часот во СРЦ „Џексон“ го пречекува холандскиот Орион Старс во реваншот од ЦЕВ Лигата на шампионите. По поразот на првиот натпревар во Дутинхем минатата седмица, македонскиот првак ќе се обиде пред домашната публика да ја надополни негативата и да остане во трката за продолжување на настапот во елитното европско натпреварување.
Дуелот има посебно значење за штипјани, бидејќи за првпат во историјата на градот под Исарот ќе се одигра натпревар од Лигата на шампионите во одбојка.
На европската сцена се враќа и Работнички Скопје, кој сезонава ќе настапува во ЦЕВ Челинџ купот. Противник на македонскиот шампион е грчкиот Заон Кифисија, а првиот натпревар е закажан за утре, 27 октомври, од 17 часот по македонско време, во спортската сала „Зиринио“ во Кифисија, предградие на Атина. Работнички имаше статус на носител на ждрепката, па првата средба ќе ја одигра на гостински терен.
По ланското деби во ЦЕВ Лигата на шампионите, Јанта Волеј КВ оваа сезона ќе се натпреварува во ЦЕВ Челинџ купот. Кумановскиот тим во првото коло ќе се соочи со чешка Прага, а првиот натпревар ќе го одигра на домашен терен, во спортската сала во Куманово, утре од 19:30 часот.
Четвртиот македонски претставник, Струмица 47&72, ќе ги започне обврските во европските купови кон средината на следниот месец, со што и струмичани ќе ја комплетираат македонската европска одбојкарска приказна за оваа сезона.