Кошарка

Феникс 2010 и Гостивар максимални по три кола, Бутел го запре Охрид во Првата кошаркарска лига

Сподели
ФОТО: КФМ
Сподели



Третото коло во Првата македонска кошаркарска лига – мажи донесе убедливи победи, интересни пресметки и неколку важни резултати во двете групи. Феникс 2010 беше најубедлив со триумф од 108:76 над Борец баскет, додека Гостивар остана со максимален ефект по тешката гостинска победа во Гевгелија. Бутел, пак, му го нанесе првиот пораз на Охрид, а Овче Поле стигна до убедлив триумф над Тетекс ТТК.

Група А: Феникс 2010 продолжува без грешка

Феникс 2010 ја продолжи победничката серија со убедливи 108:76 против Борец баскет. Иако домашниот состав имаше предност и во првото полувреме, прашањето на победникот го реши по паузата, постигнувајќи дури 62 поени во вторите 20 минути.

Стојановски беше прв стрелец со 31 поен, Грбовиќ постигна 21, Тачи 16, а Лоусон 10. Кај велешани, Сапроновски заврши со 19 поени, Захариев со 11, додека Коцевски и Сибиновски постигнаа по 10.

Важна гостинска победа забележа и Мега баскет, кој го совлада Водно Санс со 81:76. Прилепчани ја направија клучната разлика во втората четвртина, која ја добија со 33:22, па на полувремето водеа со 48:35. Домашниот состав се обиде да се врати, но гостите ја сочуваа предноста до крајот.

Ијекекполор со 23 поени беше најефикасен кај Мега баскет, Марковски постигна 16, Димитровски 15, а Стефановски 11. Кај Водно Санс, Трајанов се истакна со 27 поени, Сребров додаде 18, а Настески 13.

Ангели ја запишаа првата победа во сезоната, откако на гостувањето кај Младинец славеа со 98:87. Пресудна беше втората четвртина, во која гостите постигнаа 32, а примија само 16 поени, по што на паузата имаа предност од 51:35.

Стојановски го предводеше победничкиот состав со 25 поени, Шуменковски реализираше 16, а Мантев додаде 10. Кај Младинец, Димитровски постигна 17 поени, Милевски 13, Каровски 12, а Мингошев 10.

До првиот сезонски триумф стигна и ИБА Скопје, која убедливо го совлада Црн Дрим со 90:60. Стружани успеаја да парираат само во втората четвртина, додека во останатиот дел од натпреварот домашните кошаркари ја контролираа играта и резултатот.

Димовски со 22 поени беше најдобар стрелец кај ИБА Скопје, Велков постигна 18, а Балабанов 10. Во гостинскиот состав, Костески реализираше 19 поени, а Петрески 11.



По три кола, Феникс 2010 е лидер во групата А со максимални три победи. Водно Санс, Борец баскет и Мега баскет имаат по две победи и еден пораз, додека Црн Дрим, Ангели и ИБА Скопје се со биланс 1-2. Младинец е без победа по три одиграни натпревари.

Група Б: Гостивар останува максимален, Бутел го изненади Охрид

Гостивар ја продолжи победничката серија и на гостувањето кај Гевгелија славеше со 74:70. Домашниот состав, кој дебитира во оваа конкуренција, пружи силен отпор, но гостите ја направија клучната разлика во вториот период и на полувремето водеа со 45:34.

Гевгеличани се обидоа да се вратат во натпреварот, но Гостивар успеа да ја задржи предноста и да стигне до третата победа во исто толку натпревари. Тодоровски постигна 16 поени, а Ибраими додаде 12 за победничкиот тим. Кај Гевгелија, Кузманов реализираше 16, а Букрлишев 13 поени.



Најинтересниот дуел во групата го одиграа Бутел и Охрид, а домашниот состав славеше со 87:76 и му го нанесе првиот пораз на охридскиот тим. Двете екипи долго време водеа израмнета битка, без да создадат позначајна предност, но во завршницата Бутел успеа да се одвои и да ја потврди победата со двоцифрена разлика.

Новото засилување на Бутел, Мариновиќ, беше најефикасен со 24 поени. Капитенот Мартиноски додаде 22, а Лазаревски 12. Кај Охрид, Камиловски постигна 24 поени, Настовски 20, а Димитриевски 11.

Убедлива победа забележа и Овче Поле, кое во салата „Цар Самоил“ го декласираше Тетекс ТТК со 89:45, односно со разлика од 44 поени. Домашните кошаркари имаа целосна контрола врз натпреварот и стигнаа до првиот триумф во сезоната.

Ванчов беше најдобар стрелец со 21 поен, новакот Обрадовиќ постигна 19, а Богатиновски додаде 12. Во редовите на Тетекс ТТК, Шуменковски реализираше 19 поени, а Теофиловски 12.



Во ова коло слободен беше Вардар, кој досега има одиграно два натпревари и забележа две победи.

По три одиграни кола, Гостивар е на врвот во групата Б со максимални 3-0. Охрид има две победи и еден пораз, додека Вардар е со две победи од два натпревари. Овче Поле има биланс 1-2, Бутел 1-1, а Гевгелија и Тетекс ТТК сè уште немаат победа.
Следно коло на програмата на 31 октомври
Натпреварите од четвртото коло ќе се играат на 31 октомври.

Група А:
– Ангели – Мега баскет
– Младинец – Феникс 2010
– Црн Дрим – Водно Санс
– Борец баскет – ИБА Скопје
Група Б:
– Тетекс ТТК – Вардар
– Овче Поле – Гевгелија
– Гостивар – Буррел
– Охрид е слободен

Феникс 2010 и Гостивар ќе се обидат да го задржат максималниот ефект и по следното коло, додека Охрид ќе бара враќање на победничките патеки по поразот од Бутел.



Сподели
Напишано од
Александар Ванев -

Основач, главен и одговорен уредник на спортскиот веб портал Спортска Мрежа, специјализиран за македонски спорт. Александар Ванев со спортско новинарство започнува на 1. август 2010 година, неговиот најголем проект е Спортска Мрежа, тој е спортски коментатор и во неговата кариера има коментирано натпревари од Втората и Третата фудбалска лига на Македонија, од Првата футсал лига на Македонија, Куп на Македонија, Прва и Втора женска фудбалска лига, како и натпревари од македонскиот ракомет. Ванев е член на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ). Ванев е спортски новинар посветен на македонскиот спорт, првиот и единствен кој темелно ја работи Третата и Четвртата (општинската лига) во Македонија.

Не пропуштајте

Трета лигаФудбал

Од Општинската лига до борба за врвот во Трета лига – Огражден од Ново Село ја пишува најубавата фудбалска приказна!

Без плати, без големи финансиски средства, со фудбалери кои играат од чиста љубов кон фудбалот и со огромна желба за успех. Така започна...

Ракомет

Томовски блесна против Мелсунген – десет одбрани и гол за македонскиот голман во Бундеслигата!

Македонскиот репрезентативен голман Мартин Томовски имаше одлично издание во германската Бундеслига, давајќи значаен придонес во ремито на Битигхајм на гостувањето кај фаворизираниот Мелсунген...

Поврзани написи
Кошарка

Гостивар и Вардар во дерби за врвот, Феникс 2010 го брани лидерското место!

Возбудувањата во Првата македонска кошаркарска лига продолжуваат викендов со натпреварите од шестото...

Кошарка

Баскет Дино со три од три на врвот во Аматерската лига – следува дерби со непоразената Шар Планина!

Кошаркарите на Баскет Дино од Кочани продолжуваат со одличните настапи во Аматерската...

Кошарка

Ираклис пресилен за МЗТ Скопје – македонскиот шампион го запиша шестиот пораз во ФИБА Еврокупот!

Македонскиот кошаркарски шампион МЗТ Скопје Аеродром продолжува без победа во ФИБА Еврокупот,...

Кошарка

ТФТ го затвори шестото коло со драма, четири екипи се израмнија зад МЗТ

ТФТ го совлада МКК Куманово со 89:87 во Скопје и го комплетираше...

✕
error: Содржина е заштитена! Се забранува копирање на истата!