Македонските тенисери со порази го започнаа настапот на Медитеранските игри во Таранто.
Во првата рунда, Дејвис куп репрезентативецот на Македонија, Кристијан Јанев, загуби од Андреас Тимини од Кипар со 2:0 во сетови (6:2, 6:2). Тимини во двата сета успеваше навреме да создаде предност, која потоа ја задржуваше до нивното освојување.
Во вечерната програма, Јанев и Сара Митевска настапија во конкуренција на мешани двојки, но беа поразени од поискусните кипарски тенисери Ралука Шербан и Елефтериос Неос со 2:0 (6:4, 6:2).
Од македонските претставници, настап во женска конкуренција ѝ останува на репрезентативката во БЏК купот, Сара Митевска. Таа во следниот меч ќе се соочи со фаворитката Марта Матула од Грција.