Ланскиот суперлигаш Пролет ја доби драмата со Драчево Јуниор во гости откако славеше со 33:34 во мечот од 8. коло на Првата ракометна лига.
Гостинот имаше одлично отварање на мечот кога водството постојано се искачуваше во интервал од три до пет гола кога беше 8:13 во 18. минута, а само четири минути подоцна Драчево Јуниор израмни на 13:13, а на полувреме Пролет замина со два гола предност 17:19.
Во вториот дел се случи пресврт и Драчево Јуниор поведе со 21:20, по што следуваше игра со „топло-ладно“ односно гол за гол и често менување на водството. Финишот беше драматичен а Пролет со на крај успеа да слави со 33:34.
Огнен Тасевски беше прво име кај Драчево Јуниор со девет гола, а Ласко Андоновски со десет гола во водеше Пролет до голема победа.
Аеродром славеше победа над „фенерџијата“ Сокол Саса со дваесет гола разлика (52:32). Гостинот од Македонска Каменица свесен за тежината на овој меч и за квалитетот на противникот, парираше само во првите десеттина минути, а потоа Аеродром само ја „билдаше“ разликата до конечниот резултат.
Михаил Митановски со 11 гола беше прв стрелец кај победничкиот тим, кај поразениот Мирче Ѓеоргиев и Павле Стоиловски постигнаа по седум гола.
Текстилец влезе во голема резултатска криза откако го запиша четвртиот сезонски пораз, штипјани беа убедливо надиграни и поразени со 42:29 на гостувањето кај Илинден.
Домашниот тим уште од почетокот го наметна своето темпо и во ниту еден момент Текстилец не можеше да фати резултатски приклучок и доживеа дебакл.
На почетокот од сезоната Текстилец тргна со четири победи, а сега забележа четири порази во низа со што тимот од Штип влезе во сериозна резултатска криза.
Иван Најдовски со десет гола беше прво име кај Илинден, а го следеше Антонио Наковски со девет реализации. Кај Текстилец прво име беше Јован Величков со осум гола, а Кирил Миленков имаше седум погодоци.
Бодовите останаа во Свети Николе откако Овче Поле со убедлив резултат од 31:22 го доби Партизан од Гевгелија. Во текот на сите 60 минути домаќинот имаше целосна контрола над натпреварот.
Кирил Буровски до девет реализации беше најдобар стрелец, Теофил Јанев постигна седум гола. Кај поразениот тим Илија Пејковски имаше шест гола.
Ланскиот суперлигаш Радовиш на домашен терен со 37:30 очекувано го доби Шампион.