Македонската репрезентативка Александра Марковска прави нов интернационален чекор во кариерата. 29-годишната фудбалерка потпиша едногодишен договор со турскиот клуб Хајманаспор, каде што ќе настапува во новата сезона.
Фудбалерката за врска зад себе има богата домашна кариера и едно интернационално искуство во Србија. Нејзиниот фудбалски пат започна во Билјанини Извори, по што настапуваше за Тиверија и ЖФК Кочани. Потоа следуваше период во ЖФК Скопје, а првиот интернационален предизвик го имаше во Србија, каде што го носеше дресот на Спартак Суботица.
По искуството во Србија, Марковска се врати на домашната сцена и настапуваше за Атлетико, Истатов и Цевитана, последниот ангажман во ЖФК Љуботен.
Токму во тетовскиот клуб Марковска ја имаше и улогата на капитен, преземајќи ја одговорноста како една од поискусните фудбалерки во екипата.
Сега пред неа е нов предизвик во кариерата. Со потписот за Хајманаспор, македонската репрезентативка повторно ќе игра надвор од земјава и ќе добие можност да се докаже во турскиот женски фудбал.
За Марковска ова е уште една значајна пресвртница во кариерата, која ја гради преку настапи во повеќе македонски клубови, искуство во странство и репрезентативниот дрес. Во Хајманаспор ќе се обиде со своето искуство и квалитет да му помогне на новиот клуб во предизвиците кои следуваат во новата сезона.