Актуелниот шампион Шкендија запиша голема победа на гостувањето кај Силекс (1-2) во рамките на 19. коло од Прва македонска фудбалска лига, освојувајќи три бода со гол во самиот финиш од натпреварот.
На тешкиот терен во Кратово, средбата започна претпазливо, без многу ризик на двете страни. Тетовци први го отворија резултатот во 17. минута, кога по нафрлување од левата страна Фабрис Тамба одлично се снајде во шеснаесетникот и со прецизен удар го совлада Љупче Џеков за 0-1.
До паузата гостите имаа можност и да го зголемат водството. Алхасан со атрактивен волеј ја погоди пречката, а во продолжение од акцијата Тамба повторно се закани, но домашниот голман беше на висина на задачата. Промашувањата беа казнети во 45. минута, кога Едиз Бутуровиќ ја искористи една несигурна реакција во одбраната на Шкендија и израмни на 1-1.
Во второто полувреме Силекс делуваше поофанзивно и создаде неколку солидни ситуации пред голот на Гаје, но реализацијата изостана. На спротивната страна, Шкендија трпеливо ја чекаше својата шанса, иако во одредени моменти беше потисната.
Решението пристигна во 89. минута. Арбин Зејнулаи се одлучи на удар од дистанца, ја зафати топката со волеј, а таа по одбивањето од тревникот заврши зад грбот на Џеков за конечни 1-2 и голема радост на гостинскиот табор.
Со оваа победа Шкендија стигна до 45 бода и се искачи на втората позиција на табелата, со шест бода негатива во однос на лидерот Вардар и три повеќе од Струга. Силекс останува четвртопласиран со 35 освоени бодови.