Ракомет

„Нема што да загубиме, можеме само многу да добиеме“ – тренерот Кузманоски по пласманот на Бутел во плеј-оф

Сподели
ФОТО: РК Бутел Скопје
Сподели

Екипата на РК Бутел Скопје е повторно дел од суперлигашкиот плеј-оф. Откако во сезоната 2018/19 влезе во елитната конкуренција, тимот континуирано е меѓу најдобрите, а и оваа сезона ја потврди стабилноста и концептот кој се темели на работа со домашни ракометари.

Со победата во директниот дуел против РК Тиквеш, бутелци сами си ја заверија визата за разигрувањето за титулата. Тренерот- Горан Кузманоски, за Спортска Мрежа, направи осврт на клучниот натпревар, регуларниот дел од сезоната и амбициите во плеј-офот.

Дербито што решаваше сè

Кузманоски истакнува дека уште по зимската пауза било јасно дека мечот со Тиквеш може да биде пресуден и дека подготовката била максимално сериозна:

„ Со Тиквеш некако ни се сложија коцките да решаваме во последното коло. Знаеме дека Тиквеш во последните години е секогаш со пласман во плеј-оф и игра во европските купови. Знаевме дека нема да биде лесно, бевме фокусирани со 200% на овој меч, кој го чекавме и знаевме дека ќе ни биде важен уште после паузата за Нова година. Влеговме максимално концентрирани сите до еден, иако Тиквеш веќе претходно имаше обезбедено плеј-оф. Знаеме дека се работи за доста сериозна екипа, искусна, која во важни натпревари знае што игра.“

ФОТО: Спортска Мрежа

Тешка сезона и остварена цел

Тренерот потенцира дека борбата за место во плеј-офот била исклучително неизвесна, особено во конкуренција каде разликите се мали, а квалитетот висок:

„Генерално, оваа сезона беше тешко за пласман во плеј-оф , затоа што ако ја изземам онаа прва четворка што се бори за шампионската титула, од почетокот на табелата, следува уште една квалитетна четворка, од која првите две места водат во плеј-оф, иако, ние, како генерално најмлада екипа во лигата, составена само од Македонци, амбициите од почетокот ни беа плеј-оф, не дека клубот го бараше тоа од нас со 100% да бидеме во плеј-оф, туку пред сè целта и амбициите ни беа да се развиваат македонските играчи – дел од кадетите и младинските репрезентативци да се приклучат во првиот тим, но пруживме неколку добри натпревари, со конкурентите за плеј-оф одигравме добро и според планот, па така заслужено и се пласиравме во плеј-оф.“

Плеј-оф без притисок, но со максимален пристап 

Во пресрет на разигрувањето, Кузманоски нагласува дека неговиот тим нема што да загуби, туку може само да добие – пред сè искуство:

,,Секако, сега приказната ќе ни биде полесна, сепак ние ќе продолжиме да играме, да даваме максимум од себе против секого, секој натпревар ќе ни биде доста тежок, па нема што да загубиме, можеме само многу да добиеме- младите играчи да се стекнат со сè повеќе искуство затоа што во последните неколку години, а сметам дека особено оваа година лигата е најсилна, ќе биде доста изедначена и во борбата за титула, како што беше и во битката за плеј-оф.“

ФОТО: РК Бутел

Континуитет и нова генерација лидери 

Стратегот на Бутел се осврна и на карактерот на екипата и улогата на поискусните ракометари во развојот на младите:

„Исто така, морам да потенцирам и дека во досегашниот терк на клубот, од почетокот на оваа сезона па до денес, не се опуштивме со ниеден меч иако некогаш со некоја екипа знаевме да одиграме можеби послабо, со некоја подобро, но сепак се вративме. Морам да напоменам дека од капитенот Ѓеоргиевски, до двајцата голмани кои се најискусни – Трајковски и Стојановски, младите некако го прифатија тоа и станаа лидери, значи таа генерација на 2004 младинските репрезентативци, 2006 и 2008, која полека се приклучи на првиот тим, веќе оформуваат една база во Бутел којашто мислам дека во иднина ќе биде добар столб за македонски играчи и за македонскиот ракомет воопшто.”- вели Кузманоски за Спортска Мрежа.

ФОТО: РК Бутел

Осмото последователно учество во плеј-офот за Бутел не е случајност, туку резултат на јасна стратегија и доверба во домашниот потенцијал. Со најмлад состав меѓу најдобрите и без странски засилувања, скопскиот тим влегува во разигрувањето без притисок, но со амбиција за напредок.

ФОТО: РК Бутел

За Кузманоски и неговите избраници, плеј-офот не е само натпреварување за бодови – туку процес на создавање нова генерација што треба да биде иднината на клубот и на македонскиот ракомет.

Сподели
Напишано од
Сања Секулоска -

Сања Секулоска е спортска новинарка во Спортска Мрежа. Секулоска по професија е магистер на економски науки, која започнува од хоби кон новинарството конкретно во ракометот. Секулоска го следи и европскиот ракомет.

Не пропуштајте

РепрезентацијаФудбалска репрезентација

Македонија У15 поразена од Црна Гора во вториот контролен натпревар

Репрезентацијата на Македонија до 15 години го одигра вториот контролен натпревар против селекцијата на Црна Гора, во кој беше поразена со 1:0. Натпреварот...

Останато

Купот на ОФМ по 15 години повторно во Скопје

Финалниот турнир од Купот на ОФМ 2026 во машка и женска конкуренција, по пауза од 15 години, повторно ќе се одржи во главниот...

Поврзани написи
Ракомет

Борозан: „Одбраната ќе биде клучот за победа“

Ракометарите на ГРК Охрид утре ги очекува еден од најзначајните предизвици во...

Ракомет

Астибо го декласираше Пелистер – Младеновска собра 17 одбрани, Николовска го водеше Спартак до триумф над Вардар

Ракометарките на Астибо вечерва забележаа голема и важна победа над Пелистер во...

Ракомет

Барселона пресилна за Еурофарм Пелистер – битолчани ја завршија сезоната во Лигата на шампионите

Ракометарите на Еурофарм Пелистер со пораз на гостувањето кај Барселона го завршија...

Ракомет

„Рибари“ со голема мобилизација: Охрид ќе има огромна поддршка во дербито со Алкалоид

В сабота ќе се одигра дербито меѓу третопласираниот Охрид и четвртопласираниот Алкалоид...

error: Содржина е заштитена! Се забранува копирање на истата!