Второлигашот Арсими продолжува со засилување на составот, откако официјално ги промовираше Лавдрим Касами и Рамин Алии како нови фудбалери во „жолто-црниот“ табор.
Осумнаесетгодишниот Лавдрим Касами пристигнува од Шкендија и важи за перспективен играч во офанзивната фаза. Од клубот посочуваат дека станува збор за талентиран фудбалер со потенцијал, енергија и посветеност, кој претставува инвестиција за иднината на тимот.
Нов член на Арсими е и 24-годишниот офанзивен играч за врска Рамин Алии. Тој доаѓа од словенечка Горица, а во својата кариера настапувал и за ерменички Сјуник, белоруска Ислоч и албански Скендербег. Во Македонија, во помладите категории го носел дресот на Шкупи и Шкендија. Од Арсими очекуваат неговото интернационално искуство и креативност да донесат дополнителен квалитет во средниот ред.
Засилувањата пристигнуваат во пресрет на денешниот натпревар, во кој Арсими ќе го бара првиот пролетен триумф. Тимот како формален гостин ќе се соочи со Шкупи на Градскиот стадион во Гостивар.