Хрватската ракометна репрезентација со сериозни здравствени проблеми го пречекува мечот за третото место на Европското првенство против Исланд, кој денеска се игра од 15:15 часот во Хернинг. Наместо мирни подготовки за борба за медал, „коцкестите“ се соочуваат со вироза и повреди што дополнително ја отежнуваат ситуацијата за селекторот Дагур Сигурдсон.
Најтешко погоден е првиот голман Доминик Кузмановиќ, кој по полуфиналниот натпревар добил вирусна инфекција. Според информациите од хрватските медиуми, тој имал сериозни стомачни проблеми и повраќал во текот на целата ноќ, поради што поголемиот дел од денот го минал во одмор. Иако кон крајот на денот неговата состојба се подобрила, јасно е дека не е во оптимална форма за настап.
Слични тегоби почувствувале и Филип Главаш, како и тим-менаџерот Ивица Мараш, што говори за тоа дека вирусот се проширил во репрезентацијата токму во најнезгоден момент. Дополнително, уште пред полуфиналето Лука Циндриќ се жалел на општа исцрпеност и болки, што уште повеќе ја истакнува физичката цена на тешкиот турнир.
Посебна грижа за стручниот штаб претставува и Давид Мандиќ. Крилниот играч добил силен удар во листот уште на почетокот од полуфиналниот дуел, а лекарските прегледи потврдиле дека нема кинење на мускулот, туку голем хематом. Поради тоа, тој го пропушти последниот тренинг, но постои надеж дека ќе биде во составот за натпреварот со Исланд.
И покрај сите проблеми, хрватската селекција ќе се обиде да собере уште сила за последните 60 минути на шампионатот. Борбата за бронзениот медал доаѓа по разочарувањето од полуфиналето, но во таборот на Хрватска веруваат дека и во вакви услови можат достоинствено да се борат и да стигнат до уште едно големо одличје.