Шкендија Арачиново официјално го промовираше Бесар Исени како нов член на својот тим, фудбалер кој зад себе има сериозно искуство и кој во клубот доаѓа со јасна цел – борба за највисок пласман и промоција во Првата лига.
29-годишниот Исени е добро познато име, во последниот период настапуваше во косовската Суперлига за Вуштриа, а претходно беше дел и од албанската елита со екипата на Егнатија, каде се истакна со професионален пристап и стабилни настапи.
Во македонскиот фудбал, Исени има значајно искуство, носејќи ги дресовите на Вардар, Шкупи и Воска Спорт од Охрид, додека интернационалното искуство го надополни и со настапи за Феризај и Вуштриа во Косово. Клубот од Арачиново со неговото ангажирање добива фудбалер препознатлив по дисциплина, тактичка зрелост и максимална посветеност на теренот.
Шкендија Арачиново во овој момент презимува на втората позиција на табелата во Втората лига, со два бода заостанување зад лидерот Охрид.
Клубот направи значајни промени во играчкиот кадар во пресрет на пролетната полусезона, со јасна амбиција за влез во елитното друштво.
Пролетниот дел од шампионатот, Шкендија Арачиново која ја води искусниот стратег Љупчо Марковски – Калц ќе го започне на домашен терен против екипата на Преспа од Ресен, а доаѓањето на Бесар Исени се гледа како уште еден силен чекор кон остварување на прволигашките цели.