Женскиот ракометен клуб Чаир продолжува со интензивно комплетирање на ростерот за вториот дел од сезоната, јасно ставајќи до знаење дека амбициите се највисоки. Нов член на скопскиот состав е Сара Миновска, ракометарка родена во 2002 година, која ќе ја засили левата крилна позиција.
Миновска во Чаир пристигнува од Металург Автокоманда, клуб кој остана без целокупниот играчки кадар поради финансиските проблеми. Станува збор за ракометарка со солидно искуство, која во својата кариера има настапувано и за ЖРК Вардар, што дополнително ја зголемува нејзината вредност во новата средина.
Тренерот Басри Љатифи добива уште една опција во ротацијата, во период кога клубот сериозно се подготвува за пролетниот дел од шампионатот. Претходно, редовите на Чаир беа засилени и со Александра Коловска од Металург Автокоманда, како и со аргентинската интернационалка Елизабет Ван Акере, трансфери за кои веќе информираше Спортска Мрежа.
Со ваквата селекција и јасната стратегија на засилување, ЖРК Чаир во продолжението од сезоната ќе влезе со изразени шампионски амбиции и цел – освојување на титулата во македонскиот женски ракомет. Трката за шампионската титула Чаир ќе ја води со бранителот на титулата Ѓорче Петров, откако финансиските проблеми и заминувањата на ракометарки го оставија Металург Автокоманда со многу прашалници иако есенскиот дел го заврши на делба на првата позиција со „лавиците“ од Ѓорче и бод повеќе од Чаир.