Стојанчо Велинов повторно ќе го носи жолто-плавиот дрес, откако официјално стана нов играч на Осогово. Искусниот македонски фудбалер се враќа во клубот каде што веќе има настапувано, носејќи дополнително искуство и стабилност во тимот.
36-годишниот Велинов доаѓа како слободен играч, откако не ја продолжи соработката со бугарскиот клуб Несебар. Во редовите на овој тим пристигна во јануари 2024 година од Черноморец Бургас, а зад себе има богата и разновидна кариера.
Во Македонија настапуваше за бројни клубови, меѓу кои Гостивар, Велешта, Осогово, Охрид, Брегалница, Брера Струмица, Работнички, Ренова, Силекс и Тетекс, а имаше и интернационално искуство со косовскиот тим Трепча.
Најголемиот успех во клупската кариера го забележа со Брера Струмица, со која во сезоната 2018/2019 го освои Купот на Македонија.
Од клубот му посакаа добредојде на Велинов и многу успех, борбена игра и победи во жолто-плавиот дрес, со надеж дека неговото искуство ќе биде значаен адут во продолжението од сезоната.
Осогово претходно се засили со Филип Димоски и Алпај Јусуф.