Македонскиот ракомет и оваа сезона ќе има силна застапеност на европската сцена. Европската ракометна федерација (ЕХФ) ги потврди сите учесници во новата сезона од ЕХФ Лигата на Европа, а меѓу нив се два македонски клуба – Вардар 1961 и Алкалоид.
Вардар 1961, најтрофејниот македонски ракометен клуб, ќе биде директен учесник во групната фаза на второто по ранг европско клупско натпреварување. „Црвено-црните“ го презедоа местото на Еурофарм Пелистер во оваа фаза, откако битолчани добија зелено светло за настап во групите од Лигата на шампионите.
Од друга страна, Алкалоид, актуелниот освојувач на ЕХФ Европскиот куп, ќе мора да се избори за место меѓу најдобрите преку квалификации. Иако клубот од Автокоманда аплицираше за директен пласман, ќе треба да помине низ квалификациската рунда, која ќе се игра во периодот од 30 август до 7 септември.
Ждрепката за квалификациите ќе се одржи на 15 јули, а меѓу можните ривали на Алкалоид се реномирани екипи како Хановер, Елверум, Савехоф, Партизан, Баја Маре, Торелавега, Бидасоа и Карвина.
По квалификациите, на 18 јули ќе се одржи ждрепката за групната фаза, која стартува на 14 октомври и ќе трае до 2 декември 2025 година. Првите две екипи од секоја група ќе обезбедат пласман во главната рунда.
Нокаут-фазата ќе започне на 31 март 2026, а новиот освојувач на ЕХФ Лигата на Европа ќе биде познат на Фајнал фор турнирот, кој ќе се одржи на 30 и 31 мај 2026 година.
Македонските претставници имаат сериозни амбиции – Вардар за враќање на европската сцена, а Алкалоид за нов голем подвиг по европската титула минатата сезона.