Кошаркарите на Струмица 2001 ја остварија првата победа во новата сезона на МТЕЛ Суперлигата, откако на домашен терен во салата „Парк“ го совладаа Пелистер со 84:69. Струмичани до триумфот стигнаа по возбудлив натпревар со неколку резултатски пресврти, а клучна беше неверојатната серија во самата завршница.
Гостите од Битола подобро го започнаа дуелот и во воведните шест минути создадоа предност од 19:8. Сепак, Струмица 2001 брзо се врати во игра, па по првата четвртина Пелистер имаше предност од само четири поени (21:17).
Во вториот период домаќините целосно го презедоа контролата врз натпреварот. По тројката на Саити, струмичани поведоа со 25:24, а потоа продолжија да ја зголемуваат разликата. Предноста во еден момент достигна и 16 поени (40:24), додека на полувремето Струмица 2001 замина со убедливи 43:30.
Добрата игра на домашниот состав продолжи и по паузата. Во 23. минута Струмица стигна до највисоките плус 19 (50:31), но Пелистер не се откажа од борбата за победа. Битолчани постепено ја намалуваа негативата и пред последната четвртина се доближија на седум поени (58:51).
Во завршните десет минути следуваше вистинска драма. Пелистер продолжи со налетот и неколкупати се доближи на само еден поен негатива, а последен пат тоа се случи при резултат 68:67, нешто повеќе од две минути пред крајот.
Гостите имаа можност да стигнат и до израмнување, но Благој Димитриев не го реализира слободното фрлање. Тоа беше моментот по кој Струмица 2001 целосно ја презеде контролата врз завршницата и направи неверојатна серија од 16:2, со која неизвесниот натпревар го претвори во убедлива победа од 84:69.
Во победничкиот состав најефикасни беа Малик и Крафорд со по 21 поен, додека Д. Пандев придонесе со 19 поени.
Кај Пелистер, Благој Димитриев беше најдобар стрелец со 18 поени, на кои додаде и девет скока. Савиќевиќ постигна 11 поени, со три асистенции и два скока, додека Вилсон го заврши натпреварот со 10 поени, осум скока и шест асистенции.
Со овој триумф, Струмица 2001 ја забележа првата победа во новата сезона, и тоа во вториот обид. Пелистер, пак, по две одиграни кола има биланс од една победа и еден пораз.