Вистинска ракометна драма се одигра во спортската сала „Млаз“ во Богданци, каде што Младост и Еурофарм Пелистер 2 ги поделија бодовите играјќи 30:30 во натпреварот од шестото коло во Суперлигата.
Домашниот состав долго време ја имаше контролата врз резултатот и во неколку наврати изгради значителна предност, но на крајот не успеа да ја круниса добрата игра со прва сезонска победа. За гостите од Битола, освоениот бод имаше тежина на триумф, особено ако се земе предвид развојот на натпреварот.
Младост на паузата замина со водство од 14:11, но почетокот на второто полувреме им припадна на битолчани. Еурофарм Пелистер 2 постигна три гола во серија и израмни на 14:14, најавувајќи дека нема лесно да се предаде.
Сепак, домаќините повторно ја презедоа иницијативата и во продолжението успеаја да стигнат до предност од четири до шест гола. Изгледаше дека Младост е на добар пат да ги освои дватљ бодови, но финишот донесе целосен пресврт во текот на играта.
Во последните пет минути се играше со голема неизвесност. Младост имаше проблеми во реализацијата на нападите, додека гостите ја искористија можноста да се вратат во натпреварот и на крајот да се изборат за конечни 30:30.

Даниел Андоновски беше најефикасен кај Младост со девет гола, пред Ахмед Мајдоб со седум гола, додека кај Еурофарм Пелистер 2 меѓу најдобрите се истакнаа Димиески и Илиески со по осум гола.
По шест одиграни кола, Младост има три бода, со учинок од три нерешени средби и три порази, па притисокот за остварување на првата победа дополнително расте. Еурофарм Пелистер 2, пак, стигна до пет бода, со две победи, едно реми и три порази.
Во следното коло битолчани на домашен терен ќе го пречекаат Тиквеш, додека Младост го очекува гостување кај Куманово, каде што ќе има нова можност да ја прекине серијата без победа.