Во вториот натпревар на развојниот турнир на УЕФА за играчи до 15 години, кој се одржува во Струмица и Турново, репрезентацијата на Македонија ја совлада Естонија со 1:0.
Избраниците на селекторот Горан Георгиевски одиграа одличен натпревар и заслужено стигнаа до победата. Македонија во текот на сите 90 минути создаваше шанси, но за жал успеа да постигне само еден погодок. Македонските фудбалери двапати ја погодија и пречката од голот на Естонија.
Единствениот гол на натпреварот беше постигнат во финишот на првото полувреме. Во 40. минута Леис Факиќ успеа да го совлада гостинскиот голман и да ја донесе Македонија во водство.
Во последниот натпревар на турнирот, Македонија во среда ќе се соочи со репрезентацијата на Украина со почеток од 10 часот на стадионот на Горан Пандев.
МАКЕДОНИЈА: 1. Давор Грабуловски, 2. Артан Рамадани (7.Леис Факиќ 35), 4. Калин Арсовски (10.Габриел Фударски Митев 35), 5. Максим Мечкаровски, 5. Марко Мартиновски (17.Џемал Алили 79), 11. Стефан Шилковски (13.Стефан Дрндаровски 79), 14. Леонид Ристов (3.Стефан Петковски 35), 16. Хари Папиќ, 18. Адем Вукељ (9.Ангел Симоновски 46) (15.Ненад Јовановиќ 87), 20. Огрес Елези (19.Аник Исуфи 46), 21. Убеит Муадини (8.Амир Бафтијари 46).
Стрелец: Леис Факиќ 40 минута.