На 12/13 септември ќе започне новата сезона во Првата ракометна лига, познат е и распоредот за цела сезона.
Првото коло носи дерби меч меѓу екипи кои ќе имаат отворени амбиции за влез во Супер лигата меѓу Драчево Јуниор и Вардар Неготино, ланскиот суперлигаш Радовиш сезоната ја отвара против Аеродром во гости, а пак Пролет кој се откажа од натпреварување во Супер лигата новата сезона во прволигашката конкуренција ја стартува на домашен терен против Шампион.
Преспа во Ресен пред домашната публика ќе го пречека Текстилец УГД, а во Гостивар ќе се игра мечот меѓу Јехона и Овче Поле.
Историски ден во Македонска Каменица- Сокол Саса ќе дебитира во Првата лига на домашен терен против Партизан, а пак новајлијата Илинден сезоната ја започна пред домашната публика против Македонија ЃП.
Радовиш и Пролет минатата сезона беа дел од Супер лигата, а пак Илинден и Сокол Саса ќе бидат дебитанти во Првата лига.
Како и во минатата сезона ќе бидат одиграни 26 кола (дома – гости), шампионот ќе има директен влез во Супер лигата, а пак второпласираниот тим ќе игра бараж против претпоследниот тим од суперлигашкиот плеј-аут.