Кондицискиот тренер Трајче Стојанов и во сезоната 2026/27 ќе биде дел од стручниот штаб на КК Кожув, откако го продолжи договорот со гевгелискиот прволигаш.
Стојанов зад себе има успешна сезона во која беше важен дел од тимот што го освои сребрениот медал во Купот на Македонија. Покрај клупските обврски, тој беше и член на стручниот штаб на македонската репрезентација до 18 години, која ова лето го оствари најголемиот успех во својата историја со освојувањето на златниот медал.
Со својот професионален пристап и примена на современи научни и практични методи, Стојанов има значајна улога во подобрувањето на физичката подготвеност на кошаркарите, како и во превенцијата од повреди во текот на сезоната.
Покрај работата на теренот, тој е докторанд на програмата „Теорија и методологија на спортската наука“, редовно учествува на научни конференции, а неговите истражувања се фокусирани на физичката подготвеност на кошаркарите.