Фудбалскиот клуб Пелистер продолжува со составувањето на тимот за новата сезона, а најновите потврдени потези се продолжувањето на соработката со тројца фудбалери кои и понатаму ќе го носат зелено-белиот дрес.
Искусниот Христијан Грозданоски останува дел од битолскиот клуб и во наредниот период, носејќи дополнителна сигурност и искуство во составот. Од Пелистер истакнуваат дека неговиот квалитет, професионален однос и долгогодишно искуство ќе имаат значајна улога во остварувањето на клупските амбиции.
Покрај него, нови договори потпишаа и младите Христијан Стојановски и Габриел Крстевски. Двајцата веќе имаат настапи за првиот тим и со своите игри покажаа дека клубот сериозно смета на нив како дел од иднината на Пелистер.
Во битолскиот клуб продолжуваат со концептот на спојување на искусни и млади фудбалери, со цел да изградат стабилен и конкурентен тим кој ќе биде подготвен за предизвиците што ги носи новата сезона.
Раководството и стручниот штаб и понатаму интензивно работат на комплетирањето на играчкиот кадар, а од Пелистер најавуваат дека во наредниот период ќе следуваат и нови информации околу засилувањата и составот за сезоната што претстои.
Целта на Пелистер ќе биде експресно враќање во Прва лига, а новата сезона ќе биде отворена во Битола против дебитантот Камјани на 15 август.