Ракометарите на Охрид испишаа историја во 8. коло од плеј-офот, откако за првпат го совладаа Вардар со 26-24 и направија голем чекор кон вице-шампионската титула. Со освоените бодови, охриѓани сега имаат 50 бодови, два повеќе од Еурофарм Пелистер, а токму меѓусебниот дуел во следното коло ќе одлучува за второто место и директниот пласман во Лигата на Европа.
По натпреварот, крилниот играч на Охрид- Никола Ристески, во изјава за Спортска Мрежа, истакна дека тимот одиграл максимално и дека победата над Вардар претставува историски момент за клубот. Тој нагласи дека ракометарите дале сè од себе за да стигнат до нови два бода, но и дека фокусот сега се префрла кон финалето на ЕХФ Купот, каде Охрид ќе се обиде да испише уште една голема страница во својата историја.
„Сметам дека одигравме максимално. Ова е историја за Охрид, всушност Охрид првпат го победува Вардар. Можам да кажам дека дадовме сè од себе и стигнавме до нови два бода. Сега, со ладни глави ни останува да се подготвиме за финалето од ЕХФ Купот, па и да го освоиме… зошто да не.“- изјави Ристески за Спортска Мрежа.

Охрид одигра фантастично второ полувреме, откако од негатива од 12-16 направи целосен пресврт и со одлична игра во завршницата стигна до историски триумф. Победата дополнително ја подгрева атмосферата пред клучните предизвици кои следуваат – битката за второто место и европското финале.