Ракометарите на Охрид стигнаа до голема победа во дербито против Вардар и продолжуваат да ја држат трката за второто место во Супер Лигата, кое носи излез во Европа. По натпреварот, за Спортска Мрежа говореше десниот бек на Охрид- Томислав Јагуриноски, кој истакна задоволство од победата и борбата на двата тима.

Јагуриноски потенцираше дека и покрај тоа што Вардар веќе ја осигури шампионската титула, дуелот бил исклучително тежок и дека неговиот тим морал максимално да се вложи за да стигне до посакуваниот резултат. Тој додаде дека фокусот сега целосно се префрла на клучниот натпревар против Пелистер, кој ќе го одреди патникот во европските натпреварувања.
„Пред сè, сакам да им честитам на моите соиграчи и на екипата на Вардар за овој прекрасен натпревар. Успеавме да победиме, секако дека чувството е преубаво, бидејќи Вардар е нов шампион на Македонија, уште на три кола пред крајот – нешто што не се случило во изминатите… не знам колку години. Беше многу тешко, но успеавме да го дадеме нашиот максимум. Сепак, за второто место во македонската Супер лига, ни преостанува уште еден натпревар кој мора да го победиме, против екипата на Пелистер, но влегуваме доста мотивирани после ова, па сите искрено се надеваме дека ќе играме во Лигата на Европа следната година.“- изјави Јагуриноски за Спортска Мрежа.

Охрид сега го очекува директен дуел со Пелистер кој ќе ја реши битката за втората позиција, а тимот влегува мотивиран по големата победа над актуелниот шампион.