Спортскиот портал Спортска Мрежа и официјално ќе биде медиумски покровител на новиот младински фудбалски турнир „Охрид Куп 2026“, кој за првпат ќе се одржи во периодот од 18 до 21 јуни на терените на СРЦ „Билјанини Извори“, во непосредна близина на Охридското Езеро.
Овој турнир ќе ги обедини младите фудбалски таленти од Македонија и странство, во генерациите 2015, 2016, 2017, 2018 и 2019, со натпревари во формат 6+1. Генерациите 2015 и 2016 ќе играат на терен со димензии 50×30, додека помладите категории ќе настапуваат на терен 40×20, прилагоден на нивната возраст.
Со самото партнерство, Спортска Мрежа ќе обезбеди силна медиумска поддршка за целиот турнир, но и за сите учесници. Секоја екипа што ќе биде дел од „Охрид Куп 2026“ ќе добие БЕСПЛАТНА медиумска промоција до крајот на 2026 година, што вклучува претставување на клубовите, афирмација на младите фудбалери, како и објавување на содржини поврзани со нивните активности.
Во рамки на турнирот ќе биде организирана и специјална медиумска зона – „Media Corner“, каде што ќе се реализираат изјави и интервјуа со фудбалери и тренери. Овие содржини ќе бидат објавувани на Спортска Мрежа, со што младите таленти ќе добијат дополнителна видливост и можност да бидат препознаени од пошироката спортска јавност.
„Охрид Куп 2026“ не е само натпреварувачки турнир, туку и настан кој ја промовира љубовта кон фудбалот, фер-плејот и другарството. Во тој дух, секое дете ќе добие медал, без разлика на конечниот пласман, испраќајќи силна порака дека најважно е учеството, почитта и радоста од играта.
Пријавите за учество се веќе отворени, а интересот се очекува да биде голем, со оглед на концептот и условите кои ги нуди турнирот. „Охрид Куп 2026“ ветува четири дена исполнети со фудбал, емоции и позитивна енергија, каде младите фудбалери ќе создаваат нови пријателства и незаборавни спомени.
Со ваков концепт и силна медиумска поддршка, „Охрид Куп 2026“ има потенцијал да прерасне во традиционален настан кој ќе го збогатува младинскиот фудбал во регионот.