Она што Спортска Мрежа го најави во текот на вчерашниот ден, доби официјална потврда – Раде Цицмиловиќ е нов тренер на Беласица! Искусниот стратег од Гевгелија повторно седнува на клупата на струмичкиот клуб.
Цицмиловиќ доаѓа на местото на Мартин Алаѓозовски, со кого Беласица спогодбено ја прекина соработката. Младиот тренер својата кариера ќе ја продолжи во Кувајт, па струмичани се одлучија за добро познато име кое веќе има успешна историја со клубот.
Новиот тренер веднаш го очекува голем предизвик. Цицмиловиќ дебито на клупата на Беласица ќе го има претстојниот викенд, кога неговиот тим ќе се соочи со градскиот ривал Брера во рамките на 8. коло од Втората македонска фудбалска лига.
Беласица во овој дуел влегува со серија од пет последователни ремија и повеќе од еден месец без победа. Токму прекинувањето на негативната серија ќе биде една од првите задачи за Цицмиловиќ, кој ќе има можност уште на дебито да се претстави пред навивачите во едно од најочекуваните дербија во Струмица.
За 48-годишниот стратег ова е ново поглавје во приказната со Беласица, клуб со кој ги оствари едни од најзначајните успеси во својата тренерска кариера. Во сезоната 2017/2018, под негово водство, струмичани доминираа во Втората лига – Исток, го освоија првото место и обезбедија пласман во елитното друштво.
Цицмиловиќ подоцна повторно се врати на тренерската позиција во Беласица во јануари 2019 година, а искуството го надградуваше и во други македонски клубови, меѓу кои Тиквеш и Воска Спорт. Со Воска Спорт заврши на второто место во силната конкуренција во Втората лига – Запад, обезбедувајќи бараж за пласман во Првата лига.
Дополнителна потврда за неговиот професионален развој е и стекнувањето на престижната УЕФА ПРО лиценца, највисокото тренерско ниво во европскиот фудбал.
Сега пред Цицмиловиќ е нов предизвик во позната средина. Неговото враќање на клупата на Беласица доаѓа во период кога на тимот му е потребна победа, а првата можност за тоа ќе биде токму градското дерби со Брера.