Охрид во моќно издание убедливо го декласираше тимот на Куманово на домашен терен во салата „Билјанини Извори“ со резултат од 37:17 а во рамки на 9. коло на ракометната Суперлига.
Куманово немаше воопшто сили ниту да момент да му парира на пресилниот Охрид, а голманот на „гладијаторите“ Даниел Ѓорѓески буквално сам го „потона“ Куманово во длабокото Охридско Езеро.
Охрид тргна одлично во мечот на кој беше голем фаворит, откако направи серија од 5:0, по што Куманово повика тајм-аут, но и тоа не вроди со плод. На голот одлични интервенции имаше Даниел Ѓорѓески, а Охрид стигна до серија од 7:0, а истата продолжи да се зголемува и достигна десет погодоци во низа, а Куманово повеќе од 14 минути немаше гол.

Ѓорѓески беше одличен на голот на Охрид и имаше фантастични одбрани со што ја потврдува својата одлична форма и уште еднаш покажува дека е силен адут на голот на „гладијаторите“ оваа сезона. Првиот гол Куманово го постигна дури во 14. минута и со тоа намали на 10:1.
Во самото продолжение од мечот Куманово се обидуваше да се издигне и да фати резултатски приклучок со цел да не дозволи фаворитот Охрид да направи уште поголема резултатска криза, бидејќи во 19. минута од мечот резултатот беше 11:3.
До крајот на првиот дел Охрид играше на рутина и како на тренинг натпревар, а Ѓорѓески имаше фантастично полувреме со големи одбрани, на полувреме резултатот беше 18:6.

На стартот од вториот дел Ѓорѓески беше расположен за одбрани, откако му го одбрани ударот од седум метри на Димевски, а потоа и одбиената топка одново му ја одбрани на Димевски и ги собра аплаузите во „Билјанини Извори“.
По четири минути игра во вториот дел Охрид дојде до 21:6 со голот на Тасески, а Куманово слабо ја продлабочуваше кризата во своите редовите.
Во продолжението од натпреварот Охрид само ја билдаше резултатската предност на овој за нив тренинг меч, кој го доби со конечните 37:17.

Најдобри кај Охрид беа Николас Лиапис и Дарко Џукиќ со по седум погодоци, додека пак кај Куманово се истакна Борјан Цековски со шест реализации.
Во следното коло Охрид ќе гостува кај Бутел, додека пак Куманово ќе биде домаќин на Тиквеш.