Македонската тенисерка Лина Ѓорческа блескаше на ИТФ турнирот W50 во романскиот град Слобозија и стигна до нова титула во својата кариера. Во финалето, по два часа и 15 минути борба, таа ја совлада домашната претставничка Елена Бертеа со 2-1 во сетови.
Финалето започна со предност за Романката, која по 3:3 во првиот сет успеа да направи два брејка и да поведе со 1-0. Но, Ѓорческа не се предаде – во вториот сет, иако губеше со 3:1, таа направи серија од пет гема по ред и израмни на 1-1.
Одлучувачкиот сет донесе голема драма. Лина поведе со 4:2, Бертеа се врати на 4:4, но токму во клучните моменти македонската тенисерка покажа цврстина и го затвори мечот со 6:4.
Со овој триумф Ѓорческа ја освои својата 15-та титула во поединечна конкуренција, во 39-то финале во кариерата. Таа има и 47 трофеи во двојки. Интересно е што ова беше нејзино трето финале по ред, а по двата порази, конечно успеа да стигне до заслужен трофеј.
Со победата во Слобозија, Ѓорческа освои 50 ВТА поени и ќе напредува на светската листа. Веќе следната недела ја очекува нов настап – на турнир во Букурешт.