На 28 и 29 ноември, под покровителство на Министерството за спорт, во Скопје ќе се одржи првиот хуманитарен фудбалски турнир „Играме со срце“, во организација на СОС Детско село.
Она што го прави овој турнир посебен е неговата хуманитарна мисија.
Вкупно 18 компании учествуваат со котизација која е донација за СОС Детско село за поддршка на децата и младите без родителска грижа.
На овој турнир, секој тим што ќе истрча на теренот веќе има остварено една важна победа, победа за среќно детство.
Турнирот ќе се одржи во спортската сала на ООУ „Круме Кепески“ во Кисела Вода, со поддршка на Бизнис Лига и Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
На теренот ќе се натпреваруваат тимовите на: Алкалоид, Халк Банка, ЕЛЕМ, Еуролинк, А1, Лукоил, Македонија Осигурување, Аџибадем Систина, НЛБ Банка, АХМ 365, Гранит, Авенга, Ван Хол, Виљареал Мастерс Академи, Флекс Кредит, Колид Фудс, Малиќи Груп и Експанда.
Посебна атракција ќе биде ревијалниот натпревар со учество на познатите македонски фудбалери Александар Трајковски, Стефан Ристовски, Аце Стојков, Николче Новески и Никола Глигоров, кои ќе го споделат теренот со деца и претставници од публиката.
Со покровителството на овој настан, Министерството за спорт ја поддржува иницијативата која има двојна вредност, го промовира спортскиот дух и заедништвото, а истовремено ја поттикнува општествената одговорност на компаниите.
Министерството за спорт и СОС Детско село ги покануваат сите граѓани, семејства и љубители на фудбалот на 28 и 29 ноември да ги бодрат учесниците и да бидат дел од еден незаборавен хуманитарен викенд.
Бидејќи овој пат, без разлика кој ќе го освои победничкиот пехар, најважната победа ќе биде заедничка.
Играме со срце. Победуваме за среќно детство.