Младост в сабота на домашен терен го игра мечот од 11. коло на Суперлигата против Струга, дуел во кој богданчани влегуваат со една цел – прва сезонска победа и радост за верната публика.
Ракометарот на Младост, Ахмед Мајдоуб ќе настапи против својата поранешна екипа, кој за Спортска Мрежа дополни дека клучот за победата ќе биде концентрацијата и борбената игра до последната минута.
„Натпреварот во сабота е многу важен за нас. Ќе се соочиме со Струга – екипа против која сум играл и претходно и која навистина ја почитувам. Младост исто така е екипа која заслужува почит. Овој град живее и дише за ракометот, а јас и целата екипа ќе се потрудиме да им донесеме радост на сите верни навивачи. Клучот за победа на овој натпревар ќе биде концентрацијата и борбената игра до последната минута. Секако, кога салата е полна, возбудата и поддршката се уште поголеми. На навивачите во Богданци им ветуваме дека ќе се бориме до последната секунда за да ги израдуваме“, вели Ахмед Мајдоуб.
Натпреварот ќе стартува во 18 часот, а како што вели објави Спортска Мрежа целиот Југоисток се мобилизира за да дава силна поддршка од трибините, што значи дека Струга во „Млаз“ ја очекува вистински „пекол“.