Актуелниот шампион Шкендија и освојувачот на Купот на Македонија Вардар ја отворија новата сезона во Првата македонска фудбалска лига со импресивни победи, испраќајќи јасна порака дека ќе бидат главните актери во битката за титулата.
Во Тетово, Шкендија во пауза меѓу двата дуела со Карабах во квалификациите за Лигата на шампионите, без проблеми го совлада подмладениот Шкупи со 5:1. Гостите настапија со дури седум младинци во стартниот состав, а тоа го искористија тетовци, кои уште од стартот го наметнаа своето темпо. Флорент Рамадани со далечен удар го отвори резултатот, а иако Шкупи брзо израмни преку Малик Хајвали, исклучувањето на Ендрит Рустеми во 17. минута ја отвори вратата за целосна доминација на домаќините. Aрбин Зејнулаи погоди за ново водство, а во вториот дел капитенот Бесарт Ибраими за само шест минути постигна два гола, пред Лиридон Љатифи да го запечати триумфот во 83. минута.

Во „вечното дерби“ на Националната арена „Тодор Проески“, Вардар ја започна сезоната со победа од 4:1 над големиот ривал Пелистер. Димитар Данев беше јунак на мечот со два погодоци, првиот во судиското продолжение на првото полувреме, а вториот по мајсторски дриблинг и прецизен удар.

Меѓу нив, Роџерс Мато со ефектен лоб зголеми на 2:0, додека Пелистер се врати во игра со голот на Лука Булатовиќ. Во последните моменти од мечот, резервистот Кастањеда со соло акција го постави конечниот резултат.
Со ваков старт, и Шкендија и Вардар испратија силна порака дека оваа сезона ќе биде вистински спектакл, со две големи екипи кои влегуваат во трката за врвот – шампионот со цел да го задржи тронот, а „црвено-црните“ со амбиција целосно да се вратат на фудбалскиот врв и да ја освојат двојната круна.
Утре на програмата ќе бидат два натпревари. Во Куманово екипата на Башкими ќе го пречека Арсими од 17:30 часот, а во ист термин Струга Трим Лум ќе биде домаќин на Македонија ЃП. В недела Тиквеш во Кавадарци го пречекува Работнички, а пак колото се затвара во понеделник со мечот меѓу Силекс и Брера Струмица.