Екипата на Арсими забележа победа од 1:2 против Вардарски во натпревар од 22. коло кој се играше во „два дена“.
Имено, овој натпревар кој на програмата беше во саботата беше прекинат за време на полувреме, односно второто полувреме воопшто и не започна бидејќи Градскиот стадион во Богданци беше целосно под вода, односно поплавен поради обилните врнежи од дожд.

Во првиот дел како што веќе информираше Спортска Мрежа екипата на Вардарски дојде до предност откако резултатот беше отворен преку Даријан Трајчов по петнаесет минути игра. За противникот од Чегране не требаше многу, откако Аљбан Таипи постигна гол во 36. минута за 1:1, а пак Аљбин Рамадани погоди за 1:2 на полувреме.
Официјалните лица на натпреварот во саботата одлучија дека нема услови за мечот да се доигра, односно да се одигра второто полувреме, па вторите 45 минути се играа денес.

Во второ полувреме од овој натпревар кој се одигра по два дена немаше погодоци, односно остана резултатот од саботата или од првото полувреме (1:2).
Арсими останува на четвртото место на табелата со 45 бодови има само два бода помалку од Брегалница која е трета или во бараж зоната со 47 бодови, а пак четири помалку има тимот од Чегране во однос на водечките Башкими и Македонија ЃП која е прва со по 49 бодови.
Ваквата ситуација на табелата ветува неизвесност до можеби и до последното 30. коло за првите две местата кои директно водат кон Прва лига, како и за третото место кое води кон баражот за разигрување за можен влез во Прва лига.