Пионерите на Младост од Богданци продолжуваат со импресивните настапи во новата сезона. Избраниците на Далибор Лукиќ ја запишаа седмата победа во исто толку натпревари, откако во дербито од 7. коло на Пионерската ракометна лига славеа на гостувањето кај Алкалоид во Скопје со минимални 23:24.
Младите ракометари од Богданци одлично го отворија натпреварот во салата во Автокоманда. Со два последователни погодоци на Лука Лукиќ поведоа со 0:2, а набргу предноста ја зголемија на 3:6.
Младост продолжи со сигурна игра во првото полувреме, постепено ја зголемуваше разликата и на паузата замина со убедливо водство од 5:11.
Во вториот дел Алкалоид успеа да ја надомести негативата и во четири наврати да го израмни резултатот, но ниту еднаш не успеа да го преземе водството.
Следуваше неизвесна завршница во која концентрацијата и реализацијата беа пресудни за победникот.
На пет минути до крајот Младост имаше минимална предност од еден гол, а во 36. минута Александар Марков погоди за 20:22. Матеј Митев потоа реализираше за нови два гола предност (21:23).
Домаќинот преку Димитриевски намали на 22:23, но Лука Лукиќ возврати со погодок за 22:24. До крајот Димитриевски само го ублажи поразот на Алкалоид, поставувајќи ги конечните 23:24.
Каракабаков со осум гола, Марков и Митев со по шест
Најефикасен во победничкиот состав беше Антонио Каракабаков со осум погодоци, додека А
лександар Марков и Матеј Митев постигнаа по шест. Лука Лукиќ придонесе со четири реализации.
Младост лидер со максимални 14 бодови – следува ново дерби!
Со седмата последователна победа, Младост останува на врвот од табелата со максимални 14 бодови, потврдувајќи ја одличната форма во досегашниот тек од сезоната.
Дополнителна потврда за квалитетот на богданчани е и индивидуалната статистика. По седум одиграни кола, Младост има двајца ракометари меѓу десетте најдобри стрелци во лигата.
Антонио Каракабаков има постигнато 54 погодоци, додека Матеј Митев досега реализирал 47 пати.
Пред тимот на Далибор Лукиќ сега е нов сериозен предизвик – гостувањето кај Гемиџии, во уште едно дерби во кое Младост ќе се обиде да ја продолжи победничката серија.
Седум натпревари, седум победи и максимални 14 бодови – пионерите на Младост од Богданци продолжуваат да покажуваат зошто се меѓу главните кандидати за највисок пласман во Пионерската ракометна лига.