Славјан Паунов се врати од пензија и му донесе бод на Радовиш во драматична завршница, по двата катастрофални порази од Вардар Неготино и Македонија ЃП, радовишани стигнаа до бод.
Радовиш и Овче Поле ги поделија бодовите во драматичен натпревар во спортско-рекреативниот центар „25 Мај“, кој заврши со резултат 30:30 (14:16).
Гостите од Свети Николе имаа контрола врз резултатот во поголемиот дел од натпреварот. Во првото полувреме поведоа со 8:12, а на паузата заминаа со два погодоци предност.
Во вториот дел Овче Поле стигна и до шест гола предност (16:22), но радовишани не се предадоа. Гостите во 56. минута имаа водство од 25:29, по што домашниот состав се врати во игра.
Во последната минута Илија Димов реализираше седмерец за израмнување на 30:30, а вистинската драма следуваше во последните секунди.
Искусниот голман Славјан Паунов, кој се врати од ракометна пензија за да му помогне на Радовиш, го одбрани седмерецот на Филип Петровски и му донесе бод на својот клуб.
Кај Радовиш најефикасен беше Васе Петров со осум погодоци, Илија Димов и Филип Костадинов постигнаа по шест, Ончев Иванче пет, Филип Трајанов три, а Стојанче Ристов и Костадин Ѓоргиев по еден погодок.
Во редовите на Овче Поле се истакна Филип Петровски со десет гола, Александар Димитров постигна пет, Марјан Сарашов, Кирил Буровски, Иван Димчевски и Марко Трајчев по три, Кристијан Стаменков два, а Дино Динев еден погодок.
Ракометарите на Вардар Неготино ја искористија предноста на домашниот терен и забележаа убедлива победа над Илинден со 30:23 (16:10).
Неготинци уште од почетокот ја презедоа контролата врз натпреварот, поведоа со 6:2, а во 16. минута имаа предност од 10:4. До паузата ја задржаа разликата од шест погодоци.
Во второто полувреме домашниот состав кој е лидер на табелата стигна и до девет гола предност (21:12), со што практично го реши прашањето на победникот. Илинден не успеа посериозно да се врати во натпреварот, па бодовите заслужено останаа во Неготино.
Ѓорѓи Орешков со шест погодоци беше прв стрелец кај победникот, Мирослав Митевски и Костадин Петров постигнаа по пет, Велимир Грујовски, Мартин Димов и Наќе Ѓоргјев по четири, а Драган Кузманов два.
Кај Илинден најефикасен беше Петар Цветковски со пет погодоци, Стефан Зенговски и Благоја Зафировски постигнаа по четири, Кристијан Трајковски и Антонио Наковски по три, додека Лука Перуновски, Иван Најдовски, Кристијан Самоиловски и Христијан Ангеловски по еден погодок.
Аеродром забележа значајна гостинска победа против Партизан 2016 Спорт во Гевгелија со 28:30 (11:16), во натпревар во кој гостите прокоцкаа голема резултатска предност, но сепак успеаја да стигнат до триумфот.
Скопскиот состав доминираше во првото полувреме, а во 20. минута имаше дури девет погодоци предност (5:14). Партизан до паузата успеа да ја намали негативата на пет гола.
Гевгеличани одиграа значително подобро во продолжението, постепено ја топеа предноста на противникот и во 56. минута израмнија на 27:27. Две минути подоцна резултатот повторно беше изедначен (28:28), но Иван Мирчевски и Ангел Мирчевски со два последователни погодоци му ја обезбедија победата на Аеродром.
Кај победничкиот состав Ангел Мирчевски постигна седум погодоци, Димитар Босилковски и Бојан Поповски по пет, Бојан Божиновски четири, Максимилијан Ѓиноски три, Иван Мирчевски и Никола Иванов по два, а Виктор Саров и Кристијан Стојаноски по еден.
Во редовите на Партизан најефикасен беше Горан Лисичков со седум погодоци, Стојан Наумовски и Илија Пејковски постигнаа по пет, Мартин Ашовалиев четири, Марјан Радински, Ристе Пеев и Димитар Атанасов по два, а Славе Џалев еден погодок.