Вардар водеше со 2:1 на полувремето, но Пелистер си замина од Петровец со победа од 3:4. Два месеца по тој пресврт, фудбалерките на двата клуба повторно се среќаваат утре од 13:30 часот, на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола. Пелистер со победа може да се пробие на третото место, а Вардар има шанса да се врати во горната половина на табелата.
Пелистер е четврти со 20 бода, два помалку од Тиверија Брера. Со три бода против Вардар, битолчанки ќе стигнат до 23 и ќе ја прескокнат Тиверија ако струмичанки загубат на гостувањето кај шампионот Скопје во Пржино. Вардар, пак, е седми со 13 бода и со победа ќе стигне до 16. Тоа ќе му биде доволно за шесто место ако Ас Јунајтед, кој има 14, не го совлада Истатов.
Во последните три кола Пелистер загуби од Љуботен со 0:3 и од Тиверија Брера со 0:2, па ја совлада Речица со 0:6. Вардар во истиот период ги победи Кочани и Истатов со по 1:0, а потоа загуби дома од Ас Јунајтед со 1:2. И покрај седумте бода разлика во корист на Пелистер, Вардар има постигнато два гола повеќе и примено два помалку по 11 натпревари.
Двете екипи влегуваат во дуелот со по една фудбалерка со седум првенствени гола. Кај Пелистер тоа е Михаела Марковска, а кај Вардар Меланија Грозданова. За главен судија е делегиран Димитар Левески.