Таеквондо клубот Кобра имаше одличен настап на меѓународниот турнир „Бутел Опен“, кој изминатиот викенд се одржа во организација на ТК Бутел и Македонската таеквондо федерација како дел од лига-системот на федерацијата.
На силниот турнир настапија околу 300 до 320 натпреварувачи од Македонија, Србија, Албанија, Бугарија и Црна Гора, а ТК Кобра уште еднаш потврди дека е еден од најсериозните клубови на домашната сцена.
Клубот настапи со 17 натпреварувачи и освои вкупно 15 медали – пет златни, пет сребрени и пет бронзени.

Особено внимание привлече фактот што Кобра беше клубот со најголем број сениори на турнирот, настапувајќи со дури петмина сениорски борци, што претставува сериозен показател за квалитетот и континуитетот во работата на клубот.
Златни медали за Кобра освоија Јован Марковски во сениорска конкуренција до 80 килограми, Дин Личина во категоријата над 87 килограми, како и младите надежи Талија Пеншовски, Анастасија Гешовска и Игнат Величковски во пионерска конкуренција.
Со сребрени медали се закитија Огнен Јовески, Белмин Пепиќ, Давид Каревски, Виктор Петровски и Ева Тасевска, додека бронзени одличја освоија Максим Михаилов, Филип Младеновски, Филип Каревски, Илиана Нушева и Михаил Бојаџиски.

Инаку, Кобра ја има најдобрата пионерка на турнирот, Талија Пеншовски доби пехар.
На чело на клубот се претседателот Коста Михајлов и тренерот Катерина Јордановска, која важи за познат и признат таеквондо мајстор и интернационален судија по таеквондо.

Од клубот порачаа дека овој успех е резултат на посветена работа, дисциплина и голема желба за напредок, а задоволството од настапот на „Бутел Опен“ не го криеја ниту натпреварувачите, ниту стручниот штаб.