Македонскиот репрезентативец Филип Савовски имаше сезона за паметење во дресот на Panathinaikos V.C., освојувајќи ја двојната круна во грчката одбојкарска елита – шампионската титула и националниот Куп.
Во финалната серија од плејофот, Панатинаикос со 3-1 во победи го совлада PAOK и така стигна до својата 28. шампионска титула во клупската историја. „Зелените“ успеаја да ја одбранат титулата за првпат по пауза од 41 година, па и следната сезона ќе ја започнат како владетели на грчката одбојка. Воедно, ова е и петта двојна круна за клубот.
Во четвртиот меч од финалната серија, одигран на теренот на ПАОК, Панатинаикос триумфираше со 3:1 во сетови (25:22, 32:34, 26:24, 25:20), по неизвесен и исцрпувачки натпревар што траеше речиси два и пол часа.
Шампионската прослава и официјалното доделување на трофејот ќе се одржат во четврток во салата „Павлос Јанакопулос“ во Атина.