Вечерва се комплетираше 10. коло на Првата футсал лига, со два меча. Бутел на домашен терен прокнижи три бодови, откако го доби Клими со 2:0 и победнички го отвара пролетниот дел.
Стрелци во победата за скопскиот тим беа Владимир Трендафиловиќ и Андреј Јаневски, со што целиот „плен“ останува дома.
Големо изненадување вечерва се случи во Крива Паланка каде Шкупи со 4:6 славеше многу важен триумф над Осогово во тешката битка за опстанок во елитата.
Интересно е што сите десет погодоци беа постигнати во вториот дел, откако во првото полувреме мрежи беа чисти (0:0).
Во вториот дел двојни стрелци за Осогово беа Кристијан Стојковски и Никола Спасовски, а пак за Шкупи двапати погоди Реџеп Сулејмани, а по еднаш стрелаа Ерблин Даци, Еркан Сефери, Бурак Мемедов и Кадир Јахја Абдил.
Вчера, екипата на екипата на Кеги Моби лесно го совлада дебитантот Балкан со 7:2. За домаќинот два гола постигна Трајче Трајков, а по еднаш погодија Димче Андов, Кири Ивановски, Петар Левков, Бобан Дукадиновски и Марио Панев.
За гостинскиот тим погоди Ерол Далип и новото засилување, искусниот Таулант Исмаили, но само за ублажување на поразот.
Претходно, како што информираше Спортска Мрежа екипата на Јувентус Серава со 7:4 славеше над Мал Ајакс, а пак шампионот Форца загуби од непоразениот лидер Проект.