Шест второлигаши направија тренерски промени, а Борец ќе биде рекорден кој по 11 кола промени два тренерки и ќе го добие третиот тренер во тековната сезона.
Тренерска вртелешка зафати шест клубови, а до крајот на полусезона според анализите на Спортска Мрежа очекуваме и нови тренерски промени со оглед на ситуацијата некои екипи веќе влегуваат во „шах-мат“ позиција каде немаат право на грешка и веќе притисокот за резултат ги стига.
Охрид беше во катастрофална резултатска ситуација, па таму замина тренерот Никола Илиевски – Џиџи, но охриѓани се одлучија за привремена солуција која веќе премина и во трајно решение. Младиот стратег Ромео Кочоски успешно го води тимот и низи само позитивни резултати со што Охрид веќе сериозно влезе во победнички ритам и бара место за Прва лига.
Тренерска промена се случи и во Радовиш, Иван Варадиновски си замина, а на негово место дојде нов штипјанец, старо-новиот тренер Горан Здравков одново седна на тренерското столче на Детонит Плачковица.
Радовишани сега се во средишниот дел од табелата со серија од три пбоеди, шест ремија и два порази со 15 бодови на делба на осмото место на табелата заедно со Каменица Саса.
Тренерска промена имаше и во Победа, каде Јане Николоски си замина, а на негово место од привремено решение премина во трајно решение Стојанче Дунимаглоски.
Победа сега е во влезе во победнички ритам и има 13 бодови и се наоѓа на 10. место на табелата, но прилепчани до крајот на есенскиот дел сакаат уште бодови со цел полесна пролет.
Тренерска промена се случи и во Осогово, Добринко Илиевски си замина дојде Горанчо Георгиев кој успеа да собере пет бодови, но клубот е и натаму во долниот дел на табелата или во зоната за опстанок преку бараж. Пред „жетварите“ ќе биде сериозен предизвик да се избори опстанокот. Лани во последното коло беше обезбеден опстанокот со што Осогово се спаси од ситуација да има експресно испаѓање во Трета лига – Исток, но сезонава таа борба за опстанок ќе биде посериозна, па многу работи ќе треба да се менуваат за да има позитивни резултати, а веќе таков тест ќе биде в недела мечот против Победа.
Борец ќе биде барем засега рекорден по број на тренерски смени. Велешкиот второлигаш кој лани стана шампион во Трета лига – Југ и преку бараж дојде во Втора лига ќе го добие третиот тренер.
Повратникот сезоната ја започна со Љупчо Димитковски – Гањо, резултатите беа катастрофални, па дојде младиот тренер Даниел Стојановски кој собра само пет бодови, но тимот и натаму е во долниот дел од табелата односно во зоната за директно испаѓање како претпоследен. Поразот од Вардар Неготино во рамки на 11. коло беше причина за спогодбен прекин на соработката меѓу Борец и Стојановски.
Но, сега пред Борец е навистина тежок предизвик, кој ќе се нафати да го води Борец, кој тренер ќе има храброст да седне на жешкото тренерско столче и да брка опстанок. До крајот на есенскиот дел Борец има навистина тежок распоред каде тешко дека ќе може да собере многу бодови.
Велешани веќе в недела ќе играат против Македонија ЃП, потоа следува репрезентативна пауза, па доаѓа мечот со Арсими во гостин, што ќе биде повеќе од тешко гостување за Борец, на домашен терен против Беласица и во последното коло тешко гостување на „Билјанини Извори“ против Охрид.
Кога ќе се назначи нов тренер и кој ќе биде нов кормилар на велешани ќе биде познато во следниот период, а пред раководството е период каде ќе треба да се размислува сериозно, а на полусезона повеќе од јасно ќе биде дека ќе треба да има комплетен ремонт, во секој друг случај Борец експресно ќе се врати во Трета лига – Југ.
Вардарски е единствениот тим кој нема триумф во Втората лига, „фенерџијата“ од Богданци направи тренерска промена, Васе Беќаров замина, а дојде искусниот стратег Ѓоре Јовановски, но победа и натаму нема.
Во претходното коло Вардарски водеше со 0:2 против Победа, но потоа прилепчани покажаа сила и знаење и со 6:2 го декласираа Вардарски, кој на второлигашка победа чека 27 години.
Пред Вардарски и Јовановски покрај предизвикот за опстанок ќе има уште еден предизвик, да се дојде до прво сезонско славје, а таква шанса гледаат веќе в недела против Новаци на домашен терен.
Тренерската вртелешка ќе навлезе и во други клубови, на полусезона дефинитивно, но очекуваме тренерски промени и во текот на следните кола односно до пред завршувањето на есенскиот дел.
Каде најмногу се тресе тренерското столче?