Европското првенство понуди вистинска ракометна сензација во Хернинг, каде што Португалија ја урна фаворизираната Данска со 31-29 и направи голем чекор напред кон завршницата, но истовремено ги згасна и последните надежи на Македонија за пласман во главната фаза.
Иако македонската репрезентација се надеваше дека Данците ќе ја оправдаат фаворитската улога, натпреварот тргна во сосема поинаков правец. Португалците уште од стартот наметнаа темпо, покажаа зрелост и контрола, а браќата Коста беа постојана закана за данската одбрана.
Данска се враќаше во игра, но нереализираните шанси и промашените седмерци ја чинеа скапо во клучните моменти.
Во вториот дел се водеше израмнета битка, со чести промени во водството, но Португалија подобро се снајде во финишот. И покрај обидите на домашната селекција да направи пресврт, Португалците останаа смирени, ја сочуваа предноста и стигнаа до историска победа пред полните трибини во Хернинг.
Со овој резултат, Португалија како првопласирана од групата Б пренесува два бода во главната фаза, Данска оди понатаму без бодови, додека Македонија завршува како третопласирана со три бода, а Романија без освоен бод.
Возбудувања имаше и во другите групи. Словенија во второто полувреме го скрши отпорот на Фарските Острови и со победа ја продолжи европската приказна, додека Исланд во неизвесен дуел ја совлада Унгарија со минимална разлика и си обезбеди подобра позиција за продолжението на шампионатот. Европското првенство продолжува со уште поголема драма и неизвесност во главната фаза.