За првпат во македонската клупска историја, во сезоната 2025/2026, дури пет екипи ја претставуваа Македонија во ЦЕВ европските клупски купови. Последниот наш претставник што го заврши настапот беше вицешампионот Штип УГД, кој на Бадник, во Милано, ја затвори европската приказна во рамките од 1/16 финалето на Челинџ купот.
Во реванш-натпреварот против апсолутниот фаворит, италијанскиот Алијанц Милано, штипскиот состав беше поразен во три сета и се прости од понатамошниот настап во Европа.
И покрај елиминацијата, европската премиера останува запишана како историски момент и за клубот и за градот Штип. За пласман во главната рунда од Челинџ купот, одбојкарите на Штип УГД најпрво мораа да ја минат норвешката екипа Кол Ил, што и го сторија на импресивен начин. По поразот на првиот натпревар, во реваншот во Радовиш славеа со убедливи 3:0, а потоа преку „златен сет“ обезбедија место меѓу најдобрите 32 екипи во натпреварувањето.
Првичните анализи по завршувањето на европската авантура носат позитивни оценки и задоволство од постигнатиот резултат, со јасна констатација дека Штип УГД испиша нова страница во македонската одбојкарска историја.
„Настапот во ЦЕВ Челинџ купот го завршивме онака како што и очекувавме пред стартот. Уште при ждрепката јасен беше нашиот пат – влез во главната фаза и двомеч со моќниот Алијанц Милано од Италија. Си поставивме за цел да ја поминеме екипата на Кол Ил од Осло, која и ја исполнивме и испишавме една историја, двојна за нашиот клуб. Првата е самото учество во ова европско клупско натпреварување, а втората е прва победа на европско тло, со која си обезбедивме и влез во главната фаза од Челинџ купот. Задоволството не само мое, туку и кај играчите, комплетниот стручен штаб, сите инволвирани во клубот, навивачите на Штип УГД кои се присутни на сите наши натпревари… Затоа верувам дека ова е нешто големо и е значаен успех и за клубот, но и за градот Штип, како и за македонската одбојка воопшто. Се надевам дека со овие резултати ќе поттикнеме пред се нови генерации да го засакаат овој убав спорт, но и останатите клубови од Македонија, да веруваат во меѓународниот успех, а со тоа да ја претставуваат Македонија и македонската одбојка. Одбојката е таков спорт што пред се создава нови пријателства, па така оваа историска авантура за Штип УГД, покрај искуството кое го стекнавме сите како екипа, стекнавме и нови контакти и пријателства од регионот и од цела Европа“, анализира тренерот Кристијан Ристески по завршувањето на настапот на Штип УГД во Челинџ купот.
По враќањето од Милано, екипата доби четири дена одмор, односно до 12 јануари, кога ќе продолжи со тренажниот процес и подготовките за вториот дел од домашното првенство. Штип УГД во продолжението од сезоната важи за еден од главните фаворити за шампионската титула, а со големи амбиции влегува и во Купот на ОФМ 2026, каде ќе настапи како двократен бранител на трофејот.