Ракометарите на Охрид обезбедија пласман во финалето на домашниот турнир „Крсте Андоновски“, иако вечерва минимално загубија од хрватската екипа Нексе со резултат 30-29. Благодарение на подобрата гол-разлика во мини-табелата со по четири бода трите тима, Охрид го освои првото место во групата, пред Нексе и Партизан.
Домашниот тим добро го отвори натпреварот и резултатот беше израмнет до 5-5, но потоа следеше тежок момент за охриѓани – бекот Давид Савревски заработи директен црвен картон. Нексе ја искористи бројната предност и направи серија со која стигна до 15-10, резултат што го одреди текот на првото полувреме. На паузата се замина со 16-12 за хрватскиот состав.
Вториот дел започна подобро за охриѓани, кои преку Лиапис и Тасески ја намалија негативата на само два гола, а потоа и целосно се вратија во игра со израмнување на 21-21. Следуваше неизвесна завршница во која се играше „гол за гол“.
Во последните минути, Охрид успеа да поведе со 29-27 и беше на чекор до голем пресврт, но Нексе не се предаде. Гостите казнија неколку грешки на домашните, а со пенал во последната секунда успеаја да слават со 30-29.

И покрај поразот, радоста останува во редовите на охриѓани – финалето е обезбедено!
Финале: 20:00 часот
Меч за 3. место: 17:45 часот
Утринската програма ги носи дуелите за петто и седмо место.