Македонскиот кадетски репрезентативец Иса Бајрам продолжува да го пишува својот европски успех. На Европското кадетско првенство што се одржува во Златибор, Србија, тој обезбеди пласман во полуфиналето и најмалку бронзен медал за Македонија.
Во четвртфиналната борба во категоријата до 57 килограми, Бајрам беше супериорен и со сигурна победа од 3:0 го совлада претставникот на Словачка, Сира Доминик. Борбата мина во знакот на македонскиот боксер, кој од самиот почеток наметна темпо и не дозволи изненадување.
Со оваа победа, Бајрам обезбеди место меѓу најдобрите четворица и останува во трка за финале и повисок сјај на медалот.
Овој успех е уште еден доказ за квалитетната работа во Боксерската федерација на Македонија и за талентот на новата генерација македонски боксери кои чекорат сигурно кон европскиот врв.